strugapoetryevenings2013

Струшки вечери на поезијата, Мостови

Повеќе од половина век секоја година на крајот на месец август во Струга, Република Македонија се одржува најголемата светска поетска манифестација – Струшките вечери на поезијата. Манифестацијата е основно одбележје на градот Струга како туристички центар и на неа до сега присуствувале повеќе од 5000 поети од стотина земја. На поетскиот фестивал меѓу другото, се доделуваат и најголемото признание за целокупна поетска дејност, наградата „Златен венец“ со која до сега се овенчани некои од најзначајните светски поети.  

jovan-strezovski„Непосреден повод за организирање на Струшките вечери на поезијата, за продолжување на вековната културна традиција на овој град, беше литературното читање на група истакнати македонски писатели на свечениот дел од јубилејот, одржан во Струга на 15 јули 1961 година, по повод излегувањето на „Зборникот на браќата Миладиновци“. Се дојде до идеја дека постојат сите услови да се организира една традиционална манифестација со фестивалски карактер, која ќе се одржува во овој град, како смотра на поетските остварувања во Република Македонија во текот на една годинта.“ – Јован Стрезовски, паранешен директор на фестивалот и негов хроничар.

Јован Стрезовски

Оваа идеја и иницијатива набргу наидува на позитивен одѕив и ќе биде прифатена од Друштвото на писателите на Македонија, Советот за култура на тогашна Народна Република Македонија и Народниот одбор на Општината Струга. На една од своите седници, Народниот одбор на Општината во 1962 година формира прв фестивалски одбор од 7 членови, составен од претставници на Друштвото на писателитe на Македонија, културни и општествено-политички работници од Републиката и од Струга, чијшто претседател бил истакнатиот поет Блаже Конески. Фестивалскиот одбор ќе изготви програма распределена во четири вечери на кои настапат писатели од Македонија.

Во 1963 година Струшките вечери на поезијата  за првпат е доделена најголемата национална награда за поезија во Република Македонија, наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на македонски јазик.

Од година во година бројот на учесници на Струшките вечери на поезијата се зголемувал. Во 1964 тие прераснуваат во општојугословенски фестивал на кој ќе земат учество поети од сите републики на поранешна Југославија. А веќе наредната, 1965 година, фестивалот ги преминува југословенските граници и добива карактер на меѓународна поетска манифестација на која ќе настапат еминентни поети од неколку земји: Бугарија, Италија, Полска, Романија, поранешниот Советски Сојуз и поранешна Чехословачка. Бројот на земјите учеснички од година во година се зголемува, за во 1968 година да настапат поети и есеисти од 17 земји.

Во 1966 година Струшките вечери на поезијата прераснуваат во институција со јасна физиономија, изградувајќи поцврсти критериуми врз кои ја конципира програмата и поканува учесници на приредбите. Советот на Струшките вечери на поезијата со своите посебно стручни комисии: програмска, селекциона, комисија за симпозиум, организационо-техничка, жири комисии за доделување награди и други, програмирано ја одвива својата дејност, настојувајќи што подобро и посодржајно да ја осмисли манифестацијата. Бројот на членови на Советот на Струшките вечери се движи околу 25, со претседател и двајца потпретседатели.

Во таа 1966 година Струшките вечери на поезијата започнуваат со доделувањето на најголемото признание во светот за поетско творештво „Златен венец“, кое до сега го добиле најмаркантните фигури на во светската поезија.

Струшките вечери на поезијата доживаат брз растеж и за кусо време стануваат единствена меѓународна манифестација од ваков вид, најголемиот празник во чест и слава на поезијата. Вонредно значаен културен настан во светот на литературата, манифестација низ која, како низ отворен прозорец, може да се види и чуе што се случува во поезијата, во таа „земја без граници“. Пропагирајќи ја поезијата и нејзините вредности, Струшките вечери играат непроценливо значајна мисија во вечно поделениот свет, останувајќи и по половина век да бидат мост меѓу поетското творештво создадено на сите јазици, место каде и понатаму ќе продолжи дијалогот меѓу јазиците, културите, народите, цивилизациите.